Имаме квалитет да продаваме на европско ниво, но потребни се подобри стратегии – Натали Ристовска

1. Како креативец, но и претприемач, дали можеш да ни откриеш како поминува еден твој типичен ден?
Уф, тешко прашање 🙂 Немам типичен ден. Секој ден е исполнет со различни предизвици. Водењето на мал бизнис бара потреба да бидам вклучена во сите процеси, така што во еден ден може да сум на повеќе деловни состаноци, во производство, да работам во маркетинг тимот, да асистирам на некоја фотосесија или да се затворам во студио и да работам на нова колекција. Динамично е, но убаво 🙂

2. Што мислиш за насоката во која се движат зелените и одржливите бизниси кај нас на локално и регионално ниво?
Позитивно сум изненадена. Има напредок. Гледам многу често отворање на нови зелени бизниси. Она што не ми се допаѓа е што повеќето се фокусираат само на локален пазар. Имаме квалитет да продаваме на европско ниво, но потребни се подобри стратегии. Креирањето на производ е 10% од водењето на еден бизнис.

3. Имаш богата кариера и на себе носиш неколку капи. Која работа најмногу те исполнува, а која ти носи најмногу предизвик?
Секој процес од работата ме исполнува. Креативност има и во дизајнот, но и во водењето на бизнис. Работа која најмногу ме исполнува е процесот на креирање и развој на нови производи, а како најголем предизвик периодов ми е водењето на бизнис.

4. Како креативна директорка и претприемачка на Yova, етички бренд за модни додатоци, изработуваш уникатни производи кои зад себе не оставаат отпад. И ние сме премногу горди на нашиот биоразградлив производ. Дали мислиш дека нашиот пазар е подготвен да донесува посовесни одлуки?
Да, Yova и April22 се пионери во тоа како денес треба да се гради еден бренд. Нашата задача е да ја едуцираме публиката за сето она што го правиме, а со тоа постепено да градиме една заедница која е силна и свесна. Потребно е време за да се сменат уверувањата на луѓето, но верувам дека овој народ е спремен да носи посовесни одлуки.

5. Според тебе, за кои светски брендови сметаш дека совесно си ја вршат работата, без greenwashing?
Би го издвоила брендот Stella McCartney кој користи еколошки материјали и има потранспарентен supply chain.

6. А дали сметаш дека еден голем светски бренд навистина може да биде транспарентен?
Големите светски брендови не се целосно транспарентни. Тие веќе долги години имаат развиено процеси, добавувачи, имаат сигурни купувачи, и за да ја сменат структурата потребно е да поминат години. Има потранспарентни и не толку транспарентни светски брендови, но далеку сме од целосна транспарентност. Совет до купувачите, доколку сакате да купувате од транспарентни брендови, фокусирајте се на брендови од категоријата на етичката мода.

7. Како експерт за развој на зелени бизниси и избор на материјал, што мислиш за нашите Април22 хулахопки?
Април22 е еден од првите македонски брендови кои се свесни за потребата од креирање на производи кои не само што се добри за купувачот, туку и за животната средина. Со години не користев хулахопки, не само затоа што најчесто тие се направени од штетни материјали на кои им требаат долги години да се разградат, туку и затоа што предизвикуваат чешање кај луѓе со поосетлива кожа како што е мојата. Април22 креира одличен производ, со внимателно одбрани материјали и процеси кои не оставаат отпад зад себе. Особено ми се допаѓа иновативниот третманот со Алое вера кој го прави производот помек и помага кожата да остане хидрирана.

8. Би било од огромно значење за животот на нашата планета доколку се изработуваат производи со одржливи материјали. Дали си доволно оптимистична дека светот се движи во овој правец, или мислиш дека постои некоја закана од која треба да внимаваме?
Етичкиот маркет расте 15% на годишно ниво, што е оптимистички, нo за жал за да се сменат некои работи на глобално ниво, потребно е поригорозен законски систем. Работите полека се менуваат во Европа, но Европа е премала и не е најголем консумент на модата. Верувам дека со поединечни чекори и константно едуцирање на публиката, ќе дојде еден ден до промена, но се уште сме далеку.

9. Што мислиш за ревијата на Коперни кога со 3Д технологија создадоа фустан од бел латекс на моделката Бела Хадид? И дали би можела повеќе да ни го објасниш овој процес?
Коперни креираа WOW ефект со тој фустан. Го направија со прскачка технологија за текстил – Фабрикан. Фабрикан е технологија која создава текстил со спојување на влакна кои се залепуваат едно за друго и за површината на која се прска, создавајќи текстил без ткаеинина. Фабрикан користи различни влакна, од природни до синтетички. Во случајот со фустанот кој го носеше Бела Хадид, составот на тие влалкна не е одржлив, бидејќи содржеше полимери, кои се пластика.

We use cookies to fine-tune your visit, curating a seamless and sophisticated experience. By continuing, you’re saying yes to a journey crafted just for you.